Лалакос: Верувам дека е можен компромис за името, Папуљас не поддржал „Славјано-албанска Македонија“

Не сакам да давам никакви предвидувања, но сакам да нагласам дека верувам оти може да се постигне заемно прифатливо решение за прашањето за името доколку двете страни се потрудат. Верувам дека е можен компромис и достигнување простор во кој што двете страни удобно ќе се чувствуваат. Вака одговори денеска грчкиот амбасадор Харис Лалакос, на новинарско прашање дали е оптимист дека ќе се реши прашањето за името со оглед на тоа што идната година Грција го презема претседавањето со Европската унија. Тој тврди дека грчкиот претседател Папуљас никогаш не кажал дека стои зад предлогот „Славјано-албанска Македонија“.

– Канцелариите за врски во нашите две земји не се директно вклучени во процесот на одлучување по однос на прашањето за името. Можам да го повторам веќе познатиот став на Грција за прашањето за името. За предлогот кој го кажавте, портпаролот на грчкото МНР демантираше односно припишувањето на претседателот на Република  Грција во однос  на поддршка на споменатиот предлог од некои медиуми е непоткрепено со докази и е неаргументирано, рече Лалакос по денешното доделување сертификати за завршен напреден степен на грчки јазик на вработени во МО и во АРМ, а по барање на новианрите да го коментира предлогот „Славјанско-албанска Македонија“, кој како што објавија некои албанските медиуми вчера добил поддршка и од грачкиот претседател Папуљас.

Во обраќањето на свеченото доделување на сертификатите амбасадорот Лалакос говорејќи за билатералната соработка меѓу двете МО, посочи оти Грција нема никакви територијални аспирации кон ниту еден од соседите, а тоа, подвлече, го докажува со дела.

– Сите знаеме дека целосната билатерална соработка ќе го постигне максимумот кога ќе се постигне заемно прифатливо решение за прашањето за името и тогаш ќе се олесни нашата соработка во сите домени, вклучувајќи ја и одбраната, рече грчкиот амбасадор, додавајќи оти во меѓувреме е особено важно да се одржуваат отворени сите канали на соработка, посебно оние што не се засеганти со решавање на прашањето на името.

На новинарско прашање дали претендира на тоа дека некои од соседите, меѓу кои и Република Македонија има територијални претензии кон Грција, амбасадорот Лалакос посочи оти бил внимателен кога ја искажал позицијата на неговата земја.

– Кога кажав дека Грција нема територијални претензии кон своите соседи, не зборував во името на другите влади и не сакав да бидам разбран оти нешто имплицирам во однос на нашите соседи. Навистина сакам да потенцирам дека ние сме поддржувачи на ставот за задржување на териториите на сите земји, како што Европа се потрудила да ги направи веќе неколку децении и исто така поддржуваме продолжување на регионална соработка и добрососедските односи и во регионот и во светот, појасни грчкиот амбасадор.

Министерот за одбрана Талат Џафери, кој го додели сертификатите, истакна дека одредени бариери е возможно и добро е што се пробиваат.

– Постојаната директна комуникација е една од алатките кои што можат да доведат до изнаоѓање решение за сите прашања кои не засегаат, изјави Џафери.

Најчитани вести