Државната награда „Св.Климент Охридски“ за 2013 година во областа на воспитанието и образованието денеска му беше врачена на педагогот и методичар проф. м-р Аџи Фида. Во областа култура наградена е примабалерината доц. м-р Александра Мијалкова, сопруга на директорот на УБК Сашо Мијалков, а во здравството проф. д-р Никола Јанкуловски, дигестивен хирург и примариус д-р Коте Тасевски, специјалист ендодонт.
На годинашните лауреати, во Собранието на Република Македонија, нагрaдата им ја врачи академик Вера Битракова Грозданова и им посака натамошна успешна работа.
Фида изјави дека ова признание е за неговиот вложен труд во подготвување наставен кадар за одделенска настава, воспитувачи за предучилишни институции и училишни педагози во Македонија.
За Мијалкова наградата „Св.Климент Охридски“ претставува круна на се она што го постигнала во 22-годишното активно работење на сцената.
– Вложив многу труд и напор и одрекување од многу работи во животот кои се потребни и неопходни за да се постигне врвот во кариерата и да се биде професионален во она што се работи, рече Мијалкова.
Проф. д-р Јанкуловски истакна дека оваа награда за него претставува мотивација и поттик за понатамошна работа. – Од секогаш сум го давал максимумот во моето работење и понатаму ќе давам максимум за здравјето на луѓето, рече Јанкуловски.
Примариус д-р Тасевски потенцира дека упорноста е втемелена во неговиот карактер и оти тоа не сака да го менува.
– Ова признание, највисoко во дражавата, е врв на мојата професионална кариера, како резултат на мојата напорна работа и посветеност, рече Тасевски.
Во образложението кон наградите се наведува дека Аџи Фида има објавено стручни трудови во педагошката периодика и придонел во осовременувањето на теоријата и практиката на основното образование во Република Македонија. Автор е на повеќе учебници за основно образование на мајчин јазик и е единствен Албанец, кој пред 40 години пишувал и издавал учебници за настава по албански јазик.
За примабалерината на Македонската опера и балет Александра Мијалкова, се посочува дека „со својата супериорна и беспрекорна техника, како и единствениот балетски израз надополнет со голем дијапазон на емотивни доживувања, остава траен белег во интерпретацијата на голем број претстави“.
Во однос на Јанкуловски, се посочува дека тој е водечки експерт во дигестивната хирургија во земјава и во регионот. Автор е и коавтор на повеќе стручни и научни книги и трудови објавени во и надвор од државата, директор е на Универзитетската клиника за дигестивна хирургија и е декан на Медицинскиот факултет.
Тасевски, пак, се наведува во образложението, е специјалист по болести на забите и ендодонтот. Издал осум стручни и едукативни брошури од областа на стоматологијата, презентирал многубројни стручни трудови на симпозиуми и конгреси во земјава и странство. Добитник е на голем број награди и признанија, меѓу кои интернационалната награда на Оксфордскиот самит на лидери „Обединета Европа“, државната награда за хуманост и солидарност „Мајка Тереза“, општинската награда на Струмица „Св Петнаесете тивериополски маченици“…
На свеченоста присуствуваа шефот на државата Ѓорге Иванов, претседателот на Собранието Трајко Вељаноски, министрите за образование и наука и за култура Спиро Ристовски и Елизабета Канческа-Милевска, американскиот амбасадор Волерс, поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан пратеници, музичари и други истакнати лилности од општествениот живот.


